рафија | ж.
Вид палма што расте на југот од Африка; Rahpia vinifera. Рафијата се користи во козметиката при изработката на козметички масла. Крај брегот се нишаа зазеленети рафии.
рафинер | м.
Работник во рафинерија.
рафинерија | ж.
Фабрика каде што се пречистуваат и се преработуваат петрол, петролеум, масло, шеќер и други слични смеси (суровини) во чиј состав има примеси. Рафинерија за нафта. Рафинерија за сончогледово масло. Рафинерија за шеќер.
рафинира | св. и несв.
Пречисти, пречистува од примеси. Македонската рафинерија го рафинира петролот во нафтени деривати со врвен квалитет. Новите машини бргу и добро го рафинираат шеќерот. Фабриката во Велес рафинира квалитетно масло за јадење.
рафиниран | прид.
Пречистен, ослободен од примеси. Рафинирано масло. Рафиниран шеќер.
рафт | м.
Хоризонтална штица прикрепена кон ѕид, закачена на ѕид или вградена во мебел (шкаф, кујнски елементи итн.), полица. Рафтови полни со книги. Рафтови со различни украсни предмети. Првите два рафта во плакарот ги остави празни. Метални рафтови. Дрвен рафт. Празни рафтови. Полни рафтови.
рахитис | м.
Болест на коските при недостиг на Д‒витамин, нарушен развој и недоволна калцификација на коскеното ткиво, особено кај децата во раната возраст.
рахитичар | м.
Тој што боледува од рахитис.
рахитичен | прид.
Што има рахитис, што е оболен од рахитис. Рахитични коски. Рахитично дете. Рахитично животно. Рахитично ткиво.
рација | ж.
Акција од страна на овластени лица (полиција, војска, инспекција и сл.), хајка, организирана проверка, претрес со определена цел од страна на органи на прогонот. Ноќна рација. Неделна рација на полицијата.