рацио | ср.

Свесност, свест, резон, разум, човекова способност или развиено чувство за спознавање, за откривање и за определување на вистинското и на доброто. Проработи неговото рацио. Меѓу рациото и импулсот останаа неодговорени прашања.

рационален | прид.

Што е разумен, што е заснован врз разум. Рационален план. Рационален начин. Рационално решение. Рационална потрошувачка 2. а) Што е добро обмислен, целисходен, практичен (за предмет, за направа и сл.). Рационална градба. б) Што е штедлив, економичен, умерен во трошење пари, енергија, материјал и сл. Рационална личност. Рационален соработник. Рационален човек.

рационализам | м.

Филозофско сфаќање според кое човековиот разум има безгранична моќ. Рационализмот има свои претходници, приврзаници и следбеници.

рационализатор | м.

Тој што има активен, сериозен однос кон определена дејност што ја извршува свесно и со целосна посветеност. Тој е рационализатор на сите наши планови.

рационализаторство | ср.

Дејност на рационализатор.

рационализација | ж.

Посветено, соодветно, најповолно организирање на процесот на производство за да се изврши успешно, во оптимално време и со висок квалитет. Рационализација на процесот на производството на автомобили. Рационализација на работата во рудникот.

рационализира | св. и несв.

Воведе, воведува, изврши, врши рационализација; организира некоја дејност да се извршува разумно и целесообразно. Тој ја рационализира издавачката дејност. Управата го рационализира производството со нови машини.

рационалист | м.

Приврзаник на рационализмот. Врвните рационалисти ја толкуваат теоријата на познанието.

рационира | св. и несв.

Воведе, воведува ограничување на потрошувачката, на купувањето на определени прехранбени производи. Владата го рационира увозот на шеќер во земјата.