евокација | ж.

Потсетување преку сеќавање за некого или за нешто; оживување спомени. Неговото раскажување беше евокација за младоста.

еволуира | св. и несв.

Се развие, се развива од пониско кон повисоко, премине, преминува од една во друга состојба. Организмите постојано еволуираат.

еволутивен | прид.

Развоен, со тенденција за премин од пониско кон повисоко, од попросто кон посложено. Еволутивен период. Еволутивен процес. Еволутивни закономерности.

еволуција | ж.

Постепен премин од една состојба во друга, развиток. Еволуција на растителниот свет.

еволуционизам | м.

Теорија за постапен развиток, поглед на светот чијшто основен принцип е развојноста. Во почетокот еволуционизмот немаше многу претставници.

еволуционист | м.

Приврзаник на еволуционизмот. Бројот на еволуционистите се зголемуваше.

евоцира | св. и несв.

Оживува спомени, сеќавања. Тие евоцираа спомени од младоста.

Евреин | м.

Припадник на народ со потекло од денешен Израел.

евристика | ж.

Метод на истражување кога се бара вистината преку прашања, се истражува со поставување прашања. Евристиката е употребена како метод при истражувањето, но се употребени и други методологии.