и 1
Значење на и:
Координациски, составен (копулативен) сврзник за поврзување делови со истореден однос:Оригинални податоци:
и1, сврз. сп. ем, па, та. Координациски, составен (копулативен) сврзник за поврзување делови со истореден однос: 1. За поврзување зборови, зборовни состави со исто, со слично или со различно значење меѓу кои се воспоставил однос на надоврзување. Млади и убави девојки. Високи и стројни момчиња. Институтот за македонски јазик и Филолошкиот факултет организираа средба. 2. а) За поврзување на последниот член при набројување. Во кошницата имаше краставици, пиперки, домати и моркови. Примерите се од: уметничката литература, стручните текстови, театарот, музиката, филмот, фирмите и рекламите. б) Пред набројување, заедно со тоа. Проектот предвидуваше уште неколку видови дејност, и тоа: ‒ организирање меѓународен собир; трибини на определени теми... в) При набројување кога се дава како последен дел, заедно со: друго (и др.), слично (и сл.), така натаму (итн.). г) За поврзување на последниот член од сложени броеви. Сто педесет и два. Двесте и осум. 3. и...и а) За поврзување делови за да се искаже сеопфатност. По победата и младо и старо излезе на улица. б) Врзува зборови и синтагми при набројување за да се потсили и да се истакне нешто. Среде плоштадот толпа, и жени, и деца, и музика, и пејачи, и глумци, и сè и сешто. в) За поврзување реченици, многукратно употребен, појавувајќи се како врска меѓу сите дел-реченици освен во првата; полисиндетон. Ние останавме до утрото, виното го испивме и песните ги испеавме и јадењето го изедовме и игрите ги изигравме. г) Разделен, повторен, за поврзување зборови или реченици приредени меѓу себе. сп. ем...ем. И парите ги дадовме и гладни останавме. 4. За поврзување реченици што претставуваат единство или на некој начин се согласуваат. а) За поврзување еднократни и повторливи дејства кои може да се случуваат и последователно. Таа седеше и читаше со часови. Момчето стана и си отиде. б) и ако. сп. да3. За воведување и поврзување на дел-реченица во состав на зависносложена допусна реченица. Нема да жалам и ако умрам сега. в) За поврзување на дел-реченици во состав на неколку зависносложени реченици. Ќе дојдам ако се ослободам од обврските и ако најдам превоз. Знам дека имаш право и дека ќе успееш. Сака да седи по цел ден на прагот и да гледа кој поминува. 5. Со лексички конкретизатори. а) За да се засили составната врска, заедно со: притоа, уште, кон тоа, освен тоа и сл. Тој го создаваше своето животно дело и притоа не очекуваше пофалби. Таа направи пита и уште неколку други сукани теста. б) За воспоставување причинско-последичен однос, со анафорска употреба на: затоа, поради тоа и сл. Тие многу ме пофалија и затоа сум многу среќен. в) Да најави спротивно од очекуваното, заедно со: пак, сепак. Тој цел ден се смее и пак не чини. Многу се воздржуваше и сепак кажа некои работи. 6. Во составот на сврзничкиот спој на дистанција (не само...а (ами, туку, но) и ...) со кој се воспоставува основен сооднос на надоврзување, поточно на градација. Тие не само што се развеселија туку и заиграа. Таа не само што победи но и добар резултат постигна. 7. (разг.) Самостојно, во разговорниот јазик, со очекување да продолжи со зборувањето. ‒ Таа дојде кај мене. ‒ И? 8. (разг.) На почетокот на реченица, обично во разговорниот јазик, како знак дека мислата продолжува. Едно време си бил еден цар, и имал големо царство, и многу сакал деца, и...