квази- | претс.

Како прв дел од сложенки со значење лажно, привидно: квазинаучен, квазиавторство, квазипатриотски.

квака | несв.

Испушта звук, глас ква-ква, карактеристичен за жаба и за некои птици. Во дворот квака јато гуски.

квака | ж.

Дршка, рачка на брава и сл. за отворање и затворање на врата, прозорци и сл. Внимателно ја притисна кваката и ја турна вратата.

ква-ква! | изв.

Извик за имитирање глас на некои птици (гуска, пајка и др.) 2. Извик за имитирање глас на жаба.

квакне (се) | св.

Седне, се заседне. Дојде и се квакна на столот. Кога ќе квакне, не станува.

квалитативен | прид.

Што се однесува на квалитет. Квалитативни обележја. Квалитативни односи. И покрај иновациите тие не ги оправдаа очекувањата ниту од содржински, ниту од квалитативен аспект.

квалитет | м.

Својство, особина, вредност; позитивно својство, доблест. Квалитетот на списанието е оценет мошне позитивно. Неговите морални квалитети се разнишале во однос на установените норми. Волната е со одличен квалитет.

квалитетен | прид.

Што е со добар квалитет, што се одликува со квалитет, со добри својства. За негова изработка е потребно квалитетно платно. Потребни се образовани и квалитетни кадри. За квалитетно производство на вино потребно е осовременување на фабриката.

квалификатив | м.

Качествена определба, оценка за особините на некого или на нешто. Тоа е основниот квалификатив по којшто ја вреднуваме оваа книга.