брза | несв.

Настојува да изврши некакво дејство за што покусо време. Таа брзаше да ги нахрани свињите.

брзак | м.

Место на река, на поток каде што водата тече брзо. Рибарите се веќе излезени кај брзаците, со завртени ногавици.

брзаница | ж.

Дејство што се одвива со голема брзина, со брзина поголема од вообичаеното, со брзање, со итање. Со брзаница се врати. Во брзаницата пукнав, па не знам дали го погодив.

брзга | несв.

Прска, брзо тече во кратки струи. Водата брзга на сите страни. Од вената брзгаше крв.

брзина | ж.

Степен на остварување на дадено дејство во однос на изминатото време. Брзина на пишување. Брзина на решавање задача.

брзиномер | м.

Направа за мерење брзина. Брзиномерот во колата не ми работи.

брзне | св.

Протече кратко и брзо, прсне. Од устата му брзна крв.

брзозборка | ж.

Детска песна што се кажува брзо. Меѓу највеселите детски стихови спаѓаат брзозборките.

брзометен | прид.

Што стрела, пука брзо. Брзометен топ.

брзоног | прид.

Што е со брзи нозе, што трча брзо. Брзоног елен. Трчал брзоног зајак низ цветни ливади.