раноградинарски | прид.

Градинарски култури што се јавуваат рано напролет. Раноградинарски производи. Раноградинарски зеленчук.

раноесенски | прид.

Што е, што се појавува рано наесен. Раноесенски производи. Раноесенски температури.

ранозрел | прид.

Што достигнува рано зрелост, порано завршува со растење. Ранозрели раси овци. Мерино прекос означува ранозрела овца.

ранопролетен | прид.

Што е, што се појавува рано напролет. Ранопролетни култури. Ранопролетни температури.

раноутрински | прид.

Што е, што се одвива многу рано наутро. Раноутрински час. Раноутрински разговори. Раноутрински прошетки. Раноутрински сцени.

ранохристијански | прид.

Што е, што се појавува во раниот христијански период. Ранохристијански автори. Ранохристијанска книжнина. Ранохристијански период.

раноцветен | прид.

Што се појавува, што цвета многу рано. Раноцветни растенија.

ранч | м.

Сточарска фарма, поголема или помала област која е организирана за одгледување крупен добиток (коњи, говеда, овци) слична на сточарско стопанство, изобилува со тревнати површини, вода и сè што е потребно за одгледување добиток; карактеристично за Северна и Јужна Америка, Канада и Австралија. Тој го поседува најголемиот ранч во Америка. Таа има ранч каде што го минува летото.

ранчер | м.

Сточар (каубој, воловар, кравар) што има ранч или што работи на ранч. Американски ранчери. Канадски ранчери.

рап | м.

Музички стил што се карактеризира со звучно рецитирање, придружено со наметлив ритам во кој доминираат ударните инструменти. Тврдокорен рап. Македонски рап. Комерцијален рап.