стерео- | претс.

Како прв дел од сложенки со значење цврст, силен, просторен, тродимензионален и сл.: стереокамера, стереометрија, стереоскоп, стереоскопија, стереотип, стереотипен, стереотипија, стереоуред, стереофонија, стереозвук.

стереозвук | м.

Звук што се добива при снимање со два или повеќе микрофони, што се пренесува во систем од два независни преносни канали и се репродуцира со два или повеќе звучници.

стереокамера | ж.

Фотографски апарат со два објектива чии снимки служат за стереоскопско набљудување.

стереометрија | ж.

Дел од геометријата што ги проучува геометриските фигури во просторот.

стереоскоп | м.

Оптичка направа која спојува две рамни слики во една, снимени од различен агол, што создава впечаток на пластичност на реалниот предмет во просторот.

стереоскопија | ж.

Начин на прикажување на слики со три димензии.

стереотип | м.

Во печатарството ‒ метална плоча што претставува копија на печатарски слог за отпечатување на поголем број примероци.

стереотипен | прид.

Што е напечатен со стереотип.

стереотипија | ж.

Процес на изработување стереотипи или клиширани плочи.

стереоуред | м.

Направа за пренесување на стереозвук.