головрат | прид.

За кокошка и сл. – што е со гол врат, без пердуви. Во гнездото имаше головрати пиленца.

гологлав | прид.

Што е со гола глава, без капа. Тој беше гологлав, фесот го држеше в рака.

гологлавечки | прил.

Како со гола глава, без капа, многу брзо, многу. Тие не спијат, не седнуваат, туку работат гологлавечки.

голоград | прид.

Што е со голи гради. Трчаше голоград по снегот.

голомразен | прид.

Што се одликува со голомразица. Сам одеше по пустите голомразни улици.

голомразица | ж.

Студено време со мраз без снег; сувомразица. По улиците на градот имаше голомразица.

голорак | прид.

Што е со голи раце; невооружен. Пукаа по голоракиот народ.

голотија | ж.

Голо, необлечено тело. Без трошка срам ја покажуваше својата голотија пред луѓето.

голта | несв.

Прима храна или течност преку устата во хранопроводникот. Беше тешко да се голта водата кога знаеш дека ја пиеш за да остане што помалку место за лебот. Долго ги џвакаше и полека ги голташе парчињата месо.