извозник | м.
Правен субјект што се занимава со извезување на стоки во друга земја.
извојува | св.
Постигне нешто со борба. Жената извојува право на глас. Нашиот народ сам ја извојува својата слобода и независност.
извонреден | прид.
Што е по своите позитивни особини одличен. Извонредни резултати. Извонредни способности.
извор | м.
Место од каде што извира вода, нафта и сл. На изворот ручавме и се напивме вода. Изворот на реката се наоѓа горе во планината. Тука има многу извори на минерална вода.
изворен | прид.
Што е оригинален, од самото место, автохтон. Изворен материјал. Изворен фолклор.
изворишен | прид.
Што се однесува на извор. Во изворишниот дел на реката има дабова шума.
извориште | ср.
Место каде што извира вода; извор.
изворник | м.
извор.
изврви | св.
а) Врвејќи помине до последниот. Колоната изврве. б) Врвејќи помине определено растојание или дојде до крај. Ја изврвевме нагорнината без запирање.
извргали (се) | св.
Многу нападно гледа во нешто, во некого. Извргали очи.