излагач | м.

Лице или правен субјект што излага на саем или на слична манифестација. На саемот се јавија излагачи од многу земји.

излади | св.

Лади целосно, до крај. Дедо ми ја излади лубеницата и ја донесе на масата. Јас ќе си ги изладам нозеве во реката.

излае | св.

За куче ‒ се огласи со лаење, залае.

излаже | св.

Каже невистина, лага. Тој излага дека ќе дојде. Детето ја излажа учителката дека ја напишало домашната задача.

излази | св.

Со лазење излезе од негде или стигне негде. Од кожурците излазија гасениците на свилената буба. Од под каменот излази една змија.

излапа | св.

Изеде лакомо, изеде сè, до крај. Децата лакомо ја излапаа вечерата. Кучето го излапа месото од чинијата.

излачи 1 | св.

Лачи, испушта, произведува некаква материја, секрет, сок и сл. а) За жлезди и сл. Жолчката излачува дневно околу еден литар сок. б) За животно. Кобрата излачува многу силен отров. в) За растение. Ова растение излачува леплив, густ сок.

излачи 2 | св.

Изделува, одвојува. Овчарот ги излачи молзниците од другите овци.

излее | св.

Истури течност од сад и сл., направи да претекува. Тој излеа едно шише бензин на суровите дрва и ги запали. Жената ја излеа валканата вода од кофата.

излежи | св.

Помине долго време лежејќи болен, до оздравување; лежи 2. Ја излежи болеста без да офне. Не ги излежа сите години затвор на кои беше осуден, го пуштија.