изнакрка се | св.
Крка, јаде многу, во голема количина. Се изнакркаа, се изнапија па станаа да си одат.
изнакрпи | св.
Закрпи сè што било за крпење. Изнакрпи еден куп искинати алишта.
изнакрши | св.
Искрши, накрши многу, во голема количина. Изнакрши суви гранки и почна да ги товара на магарето. Изнакрши јајца во тавата, извади од качето сирење и ја принесе вечерата на софрата.
изнакубе | св.
Искубе многу, во голема количина. Изнакуба трева и им фрли на кокошките да колваат.
изнакупи | св.
Накупи многу работи одеднаш, купи нешто во голема количина. Изнакупи играчки за сите деца.
изналапа се | св.
Се налапа многу, обилно.
изналегне | св.
Легне да спие сè од ред, сите до еден. Изналегнаа на рогозината да спијат.
изналежи се | св.
Се належи многу, доволно; Се изналежавме денес под сенките крај реката.
изналепи | св.
Излепи, налепи во голема количина, сè што е за лепење. Ги изналепија тапетите за еден ден. Момчињата ги изналепија плакатите на нашиот кандидат.
изналета се | св.
Се налета многу, доволно, до задоволување. Гулабите се изналетаа денес, цел ден се пуштени.