изначека | св.

Чека многу, долго време. Се изначекавме на станица.

изначита се | св.

Се начита многу, исчита многу. Се изначита секакви книги тоа лето.

изначуди се | св.

Се начуди многу, во голема мера. Се изначуди на тоа што го виде. Сиот народ што беше на сретсело се изначуди на неговите трикови.

изнашари | св.

Нашари доволно, нашари со многу шарки. Ткајачката ги изнашари килимите со повеќе бои.

изнашета се | св.

Се нашета доволно, многу. Се изнашета по светот пред да се ожени.

изневера | ж.

Невера, нарушување на ветената или очекувана верност. Неговата изневера ги погоди сите. Тој пишува за изневерата и за последиците по вљубените.

изневерен | прид.

Што го изневериле, што доживеал изневера. Изневерен маж. Изневерена жена.

изневери | св.

а) Прекрши, погази даден збор, обврска, не исполни тоа што се очекува. Тој ги изневери своите другари кои многу очекуваа од него. б) Прекрши, погази верност во односите меѓу мажот и жената. Тој со години ја изневерувал жената.

изнежнет | прид.

Што станал многу нежен, неотпорен. Изнежнети дечиња.

изнежни се | св.

Стане претерано нежен, осетлив. Од болеста детето многу се изнежни.