бојазлив | прид.
Што се плаши, плашлив. Момчето имаше бојазлив и тажен поглед.
бојаџилак | м.
Бојаџиски занает, бојаџиство. Од бојаџилак денес не се живее.
бојаџилница | ж.
Бојаџиска работилница.
бојаџиство | ср.
Дејност, занает поврзан со боење на материјали. Појавата на анилинските бои придонела да се прекине со домашниот начин на бојосување, а со тоа и до појавата на бојаџиството.
бојаџија | м.
Занаетчија што се занимава со боење на разни материјали, најчесто текстил. Во чаршијата остана само еден бојаџија.
бојкот | м.
Прекин на врските, отфрлање или исклучување на некоја општествена група или поединец, најчесто како средство за притисок во политичка или во економска борба. Бојкотот против него траеше четири години. Економскиот бојкот беше еден од основните причинители на судирот на црковно-просветното поле.
бојкотира | несв.
Прави бојкот. Ние ги бојкотиравме нивните состаноци.
бојлер | м.
Затворен, метален сад за греење вода. Во бањата имавме голем бојлер.
бојлија | прид.
Стасит, висок. Момчето беше високо, бојлија.
бојник 1 | м.
Слатководна риба, вид крап; Chondrostoma nasus. Рибарите фатија два бојника и неколку мрени.