дезинфицира | св. и несв.

Изврши, извршува дезинфекција. Лекарот ја дезинфицира раната со алкохол.

дезинформација | ж.

Лажно, погрешно, неточно (најчесто злонамерно) известување, пренесување информации. Во текстот се провлекла и една дезинформација. Тоа се невистини и дезинформации од одделни поединци.

дезинформира | св. и несв.

Даде, дава неточна информација, лажно или погрешно извести, известува за нешто. Тие беа заведени и дезинформирани.

дезорганизација | ж.

Лоша организираност, нарушување на организацијата, на редот; безредие, хаос. Смената на директорот предизвика дезорганизација во фирмата.

дезорганизира | св. и несв.

Предизвика, предизвикува дезорганизација, внесе, внесува неред, хаос во нешто. Нашата цел е да го дезорганизираме непријателот.

дезориентација | ж.

Отсуство на способност за ориентација, за снаоѓање во просторот; губење на ориентацијата.

дезориентира | св. и несв.

Предизвика, предизвикува дезориентација; внесе, внесува забуна, збрка кај некого, во нешто. Нашата акција го дезориентира противникот.

деизам | м.

Религиозно-филозофско сфаќање според кое Бог е безличен творец на светот, но нема никакво влијание врз неговиот натамошен тек. Тој е припадник на деизмот.

дека | сврз.

Во исказни зависносложени реченици; оти. Тој рече дека ќе дојде. Таа мисли дека научила. Тие сфаќаат дека работата не оди.

декабрист | м.

Учесник во востанието од 1825 година на група благородници против самодржавјето во царска Русија.