егзалтиран | прид.

Силно возбуден, занесен; обземен од силни чувства. Егзалтирани нежности. Егзалтирани љубители на нашето народно поетско богатство.

егзарх | м.

Поглавар на самостојна православна црква или на определена црковна област; митрополит, застапник на патријархот.

егзархија | ж.

Самостојна православна христијанска црква на чело со егзарх.

егзархист | м.

Приврзаник на дејствувањето на Бугарската егзархија во Македонија. Македонското словенско население било разделено по цркви и вери, имало: егзархисти, патријаршисти, протестанти, унијати, дури и муслимани. Во борбите се вклучила и таа бидејќи била егзархистка, една од ретките жени што учествувале во востанието.

егзекутива | ж.

Извршна власт.

егзекутивен | прид.

Извршен. Егзекутивна власт. Егзекутивна постапка.

егзекутира | св. и несв.

Изврши, извршува смртна пресуда. Во раните утрински часови го егзекутираа на плоштадот. Владата нареди да ги егзекутираат бунтовниците.

егзекутор | м.

Извршител на смртна казна, џелат. Егзекуторот беше покриен со црна ќулавка. Егзекуторите останаа непознати за нас.

егзекуција | ж.

Извршување смртна пресуда. Егзекуцијата беше извршена наредната недела пред мал број присутни. Пред егзекуцијата осудениот изјави дека е среќен бидејќи завршува неговата земна агонија.

егзема | ж.

Заболување на кожата проследено со црвенило и со ситни гнојни меурчиња и најчесто со јадеж. Рацете му беа фатени од долготрајни егземи, кои ја нарушуваа естетиката.