контролира | св. и несв.

Изврши, врши, контрола, прегледа, прегледува, провери, проверува. Учителот ги контролира учениците.

контролор | м.

Тој што врши контрола; надзорник. Работи како контролор во поштата. Контролор на летање. Публиката е најстрог контролор на писателот.

контузија | ж.

Повреда на телото предизвикана од триење или од удар со тап предмет, при пад или од силен притисок на воздух; нагмеченост. Од бомбата имаше контузија на градите.

контузува | св. и несв.

Нанесува, нанесе контузија.

контумација | ж.

(прав.) Неодзивање на судски наредби или покани.

контура | ж.

Линија што оди на работ, што оцртува нешто. Ги нацрта контурите на лицето. Се наѕираат контурите на езерото.

контурен | прид.

Што се однесува на контура. Контурни линии.

конус | м.

Геометриско тело чии контури се добиваат со вртење на еден правоаголен триаголник околу една од страните што го образуваат правиот агол. Вертикален конус. Кос конус.

конусен | прид.

Што се однесува на конус. Конусен пресек.

конусовиден | прид.

Што е во форма на конус. Конусовиден грозд.