кашла | ж.
Место каде што зимно време престојува и пасе стоката, обично овци и кози; зимско пасиште. Кашлите му се простираа од Лабаново до Биток. Не му дадоа да се приближи до конакот и кашлата.
кашла | несв.
Силно и со карактеристичен звук исфрла воздух од белите дробови, обично при надразнување на слузницата од дишните органи. Повторно го слушна стариот како кашла во одајата.
кашле | м.
кашлица | ж.
Често и силно кашлање; болест која се одликува со ваква појава. Димот го тераше на кашлица и го штипеше по очите. Кујничето ти е студено, кашлицата пак ќе ти се поврати.
кашличав | прид.
Што често кашла; што боледува од кашлица. Таа зима сите бевме кашличави.
кашло | м.
Тој што често кашла; тој што боледува од кашлица.
кашмир | м.
Вид убава, сјајна и мека волнена ткаенина. Жената носеше шал од бел кашмир.
Кашмир | м.
Област во Индија.
кај | прил.
Како прашален збор: а) На кое место. Кај ти е синот? б) Во кој правец, во која насока. А ти, кај ќе одиш?
кај | сврз.
Во зависносложени односни (релативни) реченици, во составот на зависната дел-реченица. Тие отидоа на местото кај се одвивал настанот.