обоснованост | ж.

Образложеност, мотивираност за нешто. Нема обоснованост за поднесеното барање.

обоснове | св.

Придружи нешто со докази и факти; аргументира, мотивира. Тој го обоснови тврдењето со проверени аргументи.

обособен | прид.

Што е изделен како посебен, самостоен. Обособена целина.

обособи се | св.

Се издели од нешто општо како посебен, самостоен дел или целина.

обостран | прид.

Што се однесува на две лица, на две страни; заемен. Обострана љубов. Обострана спогодба.

обр! | изв.

Извик што се употребува за викање на коњите при вршење жито на гумно за да одат во спротивен правец од јажето што е завиткано околу стожерот

обраби | св.

Направи раб околу парче ткаенина, текстил и сл. Таа ја обраби плетената покривка.

обработи | св.

Изврши потребни работи врз нешто (земјиште, суровина итн.) за да служи на неговата намена. Тој сам ја обработи нивата. Земјоделците навреме ги обработија сите засадени површини. Тој го обработи каменот со длето. Асирските племиња први го обработиле железото и направиле железно оружје.

обработка | ж.

Обработување на земја, вршење земјоделски работи, обликување, усовршување на суровински материјал. Обработка на почвата. Обработка на кожи. Обработка на руда.

обработлив | прид.

За земја – што се обработува, што е за обработување. Обработлива земја. Обработливи почви.