подзасрами | св.

Засрами некого малку, во извесна мера. Го подзасрами момето прашувајќи го дали има момче.

подзастане | св.

Застане малку, за момент, за кратко време. Како да се двоумеше, подзастана малку, сал за миг, и пак продолжи по патот. Наеднаш подзастана и почна да наслушнува.

подзастарен | прид.

Што е малку застарен, донекаде. Тоа алиште е подзастарено, никој не го носи.

подзастари | св.

Стане стар, ветов. Тие учебници подзастарија, има нови.

подзастуди | св.

(само 3 л.) Застуди малку, донекаде, не сосема. Времето веќе подзастуде, иде зима.

подзасуши | св.

Направи донекаде сув; засуши 4. Ги подзасуши алиштата на печката.

подзатвори | св.

Затвори само малку, донекаде. Подзатвори ја вратата, почна да студи.

подзатега | несв.

Затега малку, донекаде или одвреме-навреме. Одвреме-навреме го подзатега јажето со кое го води добичето.

подзатегне | св.

Затегне малку, донекаде. Ја потзатегна жицата со која ја врзуваше оградата.

подзатемни | св.

Направи да биде малку потемно од порано, само донекаде. Подзатемни ја малку фотографијата.