шенголка се | несв.
Се шегува, се шенга, се потсмева по малку.
шенгуле | ср.
Шега, подбив: игра шенгуле – го зема на шега, на подбив. Тие си играа шенгуле со детето. Не си играј шенгуле со мене!
шени се | несв.
Се весели, се забавува. Младите по цела ноќ се шенеа низ градот.
шенлив | прид.
Што е весел, расположен. Шенлива дружина. Шенливи другарки. Шенлив собеседник.
шенлук | м.
Забава, разонода, сеир. Секоја вечер шенлуци си тераат.
шепа | ж.
(анат.) Дел од рака од зглобот на дланката до врвот на прстите; рака_2. Шепа ми е полна лудо со златни прстење (нар. поез.). Тие собираа трошки во шепите и ги ранеа птиците. Тој ја криеше запалената цигара во шепата.
шепетајка | ж.
(разг.) Голема, крупна шепа. Груби шепетајки.
шепина | несв.
Кажува тивко, со шепот; дошепне. Стои до него и само му шепина по нешто.
шепка | несв.
Поткажува со шепотење, дошепнува, шепнува повремено; сака некому да помогне, да покаже, да потсети на училиште или во слични пригоди; поткаже_2. Половина ученици му шепкаа. Тој им шепка на другарите.
шепкач | м.
Тој што шепка, што дошепнува; поткажува_2. Да не беа шепкачите, тој ќе го паднеше испитот.