шест | бр.

Основен број поголем за една единица од пет; се бележи со бројката 6. Шест сетила. Шест деца. Шест чинии. Шест страници.

шест- | претс.

Како прв дел од сложенки со значење: шест од тоа што е означено во вориот дел од сложениот збор: шестаголен, шестгодишнина, шестдневен, шесткатен, шестмесечен, шестминутен, шестилјаден и др.

шеста | несв.

Мисли, се премислува, домислува, обично во состав со дума. Думале, шестале и ништо не смислиле. Цела ноќ шестало момчето што да стори.

шестаголен | прид.

Што има шест агли. Шестаголна гарнитура. Шестаголна маса.

шестаголник | м.

Геометриска слика со шест страни и со шест агли. Разностран шестаголник.

шестак | м.

Шесто дете во многудетно семејство. Тој беше шестак и најмал од децата.

шестар | м.

Направа за цртање кругови, кружни линии или за мерење мала должина и широчина. Должината и широчината на челото се мери со шестар. Пластичен шестар.

шестгодишен | прид.

Што е на возраст од шест години. Шестгодишно девојче.

шестгодишнина | ж.

Временски период од шест години; годишнина на некој значаен настан што се случил пред шест години. Шестгодишнина од осамостојувањето.

шестдневен | прид.

Што трае шест дена. Шестдневен пансион. Шестдневен одмор.