шпекулација | ж.
Финансиска трансакција, економска дејност при купување и продавање стоки и услуги за брза и лесна добивка. Насочена шпекулација. Успешна шпекулација. Деловна шпекулација.
шпекулира | несв.
Изврши, врши шпекулации. Тој шпекулира со брашно. Фирмата шпекулира со тешки метали.
шпенагла | ж.
шпенадла | ж.
Вид игла што служи за прикрепување, за прицврстување со топче (глава) од едната страна. Шпенадли со разнобојни глави. Платното го прицврсти со шпенадли.
шперплоча | ж.
Дрвена тенка плоча, добиена од неколку листови фурнир залепени под голем притисок, што ја прави отпорна на искривување и се употребува во изработката на мебел, врати и сл. Лакирана шперплоча. Парчиња од шперплоча.
шпикува | несв.
Вметнува, става сланина, лук, морков итн. во внатрешноста на парче месо пред печење. Месото го шпикуваше со парчиња лук и морков.
шпил | м.
Сноп, врзоп карти. За бриџ потребни се два шпила карти. Отвори нов шпил карти.
шпилхозни | и.
Вид бебешка, детска облека. Памучни шпилхозни.
шпион | м.
Лице што се занимава со шпионажа, што работи за тајни служби и собира воени, политички, економски и др. податоци тајно; таен агент, разузнавач. Тој бил шпион за некоја тајна служба.
шпионажа | ж.
Тајно собирање и достава на воени, политички, економски и др. податоци од една држава (или фирма) за друга. Тие го обвинија за шпионажа.