разбунтува | св.

Поттикне некого на бунт, побуни. Тој ги разбунтува работниците и тие започнаа штрајк.

разбуричка | св.

Измеша, со буричкање испреврти нешто; избуричка. Со машата ја разбуричка жарта во огништето. Разбуричка насекаде, но не можеше да го најде писмото.

разбуричкан | прид.

Што е вознемирен, разбрануван, несреден. Разбуричкани мисли. Разбуричкана совест. Разбуричкано езеро.

разбута | св.

Избута, истурка. Тој ги разбута луѓето и се упати кон него.

разбушави | св.

Направи бушав. Ветрот му ја разбушави косата. Ја фрли шапката и ја разбушави со рака својата црна, густа коса.

развалка се | св.

Се истркала. Детето се развалка на креветот. Една солза ѝ се развалка по образот.

развари | св.

Со долго варење направи нешто да стане претерано меко. Добро развари го месото.