тезаурус | м.

Речник што го опфаќа целокупното јазично богатство на еден јазик, збирка, зборник на јазично богатство.

тезга | ж.

а) Специјална маса на пазар, на панаѓур и сл. на која е наредена стоката што се продава. На тезгите беа наредени зеленчукот и овошјето. Тезгите беа полни со дреболии. б) Специјална работна маса во занаетчиски дуќан. Стругот стоеше на тезгата.

тезге | ср.

тезгере | ср.

Носило, носила за пренесување на товар, пред сè на градежен материјал. Каменот го пренесуваа со тезгере.

теизам | м.

Религиозно-филозофско учење според кое бог како посебна личност и разумна сила го создал и го управува светот.

теист | м.

Приврзаник на теизмот.

теистички | прид.

Што се однесува на теизам и на теист. Теистичко учење.

тек | прид.

За број – непарен; Чифт или тек.

тек | м.

а) Течење, движење на вода. Тие завеслаа спроти текот на реката. На неколку места од речниот тек нејзините брегови се прошируваат. б) Правецот во кој се движи истечна вода, патот по кој тече река, поток. Во горниот тек на реката се создава делта.