депонија | ж.
Место каде што се исфрла градското ѓубре, ѓубриште.
депортација | ж.
Присилно одведување (обично на политички затвореници) на определено место (во концентрационен логор, во друг крај на земјата и сл.), протерување од местото на престојот; прогонство, заточение.
депортира | св. и несв.
Изврши, врши депортација. Депортира невино население.
депресивен | прид.
Што е душевно потиснат, нерасположен, меланхоличен. Депресивен човек. Депресивна состојба.
депресија | ж.
(мед.) Состојба на душевна потиснатост, нерасположеност, меланхолија. Длабока депресија. Психичка депресија. Паѓа во депресија. Го фати депресија.
депримира | св. и несв.
Предизвика, предизвикува состојба на депресија.
депримиран | прид.
Што е во состојба на депресија. Депримиран човек.
депутат | м.
Утврден годишен приход што некој го прима во натура, во стока.
депутација | ж.
Делегација, пратеништво, група, специјално избран одбор на некој собир, на некоја организација или на некое место со овластување да изврши определена мисија. Депутација на странци. Депутација од друг град.
деранжира | св. и несв.
Вознемири, вознемирува, наруши, нарушува ред, навика, спречи, спречува намера некому. Тоа го деранжираше. Го деранжира нејзиното секојдневие. Ги деранжира неговите навики.