дизајн | м.
Цртеж наменет за изработување на некакви производи, опрема на книги и други предмети. Индустриски дизајн. Моден дизајн. Се занимава со дизајн.
дизајнер | м.
Уметник што се занимава со дизајн, специјалист за естетско обликување на индустриски и други производи.
дизајнира | св. и несв.
Оформи, оформува некој производ според барањата и правилата на дизајнот. Дизајнира штоф за мебел. Дизајнира предмети за домаќинство.
дизгин | м.
Еден од двата краја на уздата, каишот, ременот што се држи кога се управува впрегнат коњ. Со дизгини в раце. Ги затегна дизгините. Ги тргаше дизгините.
дизел- | претс.
Како прв дел од сложенки со значење на нафта, петролеј. Дизел-мотор – мотор што користи тешки масла, нафта и сл. Дизел гориво – вид нафта, петролеј подготвен за мотори со внатрешно согорување.
дизентерија | ж.
Заразна болест на слузницата на дебелото црево проследена со пролив. Фати дизентерија.
дикат | м.
Внимание. Голем дикат. Човек со дикат. Направи со дикат.
дикел | м.
Железна алатка со два крака за копање (лозје, градина и сл.). 'Рѓосан дикел.
диктат | м.
Текст што му се кажува некому за да го запише. Диктатот е посложена форма на писмената вежба од препишувањето.
диктатор | м.
Тој што владее со неограничена власт.