доплива | св.
Стигне некаде со пливање. До другиот брег допливаа само неколкумина. Не се решаваше да доплива до островчето.
доплови | св.
Стигне некаде со пловење. Бродот доплови во близина на екваторот. Туристите допловија до брегот и тука се истоварија.
допокрие | св.
Покрие целосно, до крај. Куќата ја допокривме.
доползи | св.
Дојде, стигне некаде со ползење. Детето доползи до прозорчето. Тие двајцата доползија до еден вагон.
дополнение | ср.
Тоа што се додава кон нешто за дополнување, за да стане целосно, полно, завршено; дополнување. Вториот дел е дополнение за изгубените листови. Во програмата беа внесени уште некои дополненија.
дополни | св.
Дотури, додаде во нешто да стане полно. Застана да го дополни резервоарот со бензин. Тој му ја дополни чашата со ракија.
дополнителен | прид.
Што служи како дополнување, додаток кон нешто. Дополнителна литература. Дополнителни часови. Дополнително објаснување.
дополу | прил.
До половина, до средина; донекаде. Дополу рид се молкнев по врвицата низ грмушки и трње. Вратата е дополу отворена. Шишето стои на маса, испиено само дополу.
допости | св.
Издржи со постење до крај. Се заколна дека ќе допости до празникот.
доправи | св.
Направи нешто до крај. Тој ја доправи авлијата. Слегоа во долот за да ги доправат вирчињата.