егзибиција | ж.

Јавна претстава, јавно прикажување, обично на спортски или на други вештини. Неговата егзибиција беше настан на годината.

егзил | м.

Присилно прогонство од родниот крај. Тука е опишана трагиката на егзилот што го доживува нашиот народ.

егзистентен | прид.

Суштествен, основен за опстанокот и за постоењето на некого или на нешто. Митскиот призвук е егзистентен, а со тоа реконструкцијата станува невозможна. Во делото се јавува модерен егзистентен немир.

егзистенција | ж.

Опстанок, постоење, суштествување. Човечката егзистенција е загрозена од многу фактори.

егзистенцијален | прид.

Што се однесува на егзистенција, што е во врска со егзистенција. Егзистенцијални прашања. Таа има егзистенцијални проблеми.

егзистенцијализам | м.

Филозофско учење што го поставува прашањето на опстанокот како центар на истражувањето. Во егзистенцијализмот се поаѓа од реални аргументи кога се тврди дека човекот живее во еден свет, кој се отуѓува од својот корен и од својата мисла.

егзистенцијалист | м.

Приврзаник на егзистенцијализмот. Егзистенцијалистите до најголема мера ја избришаа границата меѓу филозофијата и уметноста.

егзистира | несв.

Опстојува, постои, суштествува. Овие растенија егзистираат само на Балканскиот Полуостров. Тој егзистира само од социјалната помош што му ја даваат секој месец. Овде егзистираат инсекти од разни видови.

егзодус | м.

Напуштање од живеалиштето поради тешки услови; принудно раселување и истапување од некоја поголема заедница. Темата на егзодусот е присутна во македонската литература. Егзодусот на Евреите е нешто што не може да се заборави.

егзотика | ж.

Тоа што е непознато, туѓо, чудесно; обележја, својства на далечните земји, на другите цивилизации. Во тој настан немаше никаква егзотика, сè беше сосема случајно.