егзекутор | м.

Извршител на смртна казна, џелат. Егзекуторот беше покриен со црна ќулавка. Егзекуторите останаа непознати за нас.

егзекуција | ж.

Извршување смртна пресуда. Егзекуцијата беше извршена наредната недела пред мал број присутни. Пред егзекуцијата осудениот изјави дека е среќен бидејќи завршува неговата земна агонија.

егзема | ж.

Заболување на кожата проследено со црвенило и со ситни гнојни меурчиња и најчесто со јадеж. Рацете му беа фатени од долготрајни егземи, кои ја нарушуваа естетиката.

егземплар | м.

Примерок. Тоа е убав егземплар на нашата стара градска архитектура. Има мал број егземплари од ова дело.

егземпларен | прид.

Што служи како пример.

егземплификација | ж.

Прикажување преку примери, нагледно прикажување. Егзеплификацијата на неговите ставови не беше потребна. На овие толкувања им е потребна соодветна егземплификација.

егзерцир | м.

Групно изведување на воени вежби. На полигонот беше изведен егзерцир.

егзерцира | несв.

Врши воена обука, обучува војници низ вежби. Дел од војниците егзерцираа.

егзибиционизам | м.

Склоност за јавно истакнување и претставување. Таа со својот танц прикажуваше еден вид егзибиционизам зашто сетилно ја победуваше страмежливоста.

егзибиционист | м.

Тој што е склон кон егзибиционизам.