гади се | несв.

повр. Чувствува гнасење, одвратност, одбивност кон нешто. Луѓето се гадеа од нечистотијата што ја затекнаа во таа просторија.

гадлив | прид.

Што чувствува одвратност кон нешто, обично храна. Детето беше гадливо.

гадоса се | св.

Се загади. Реката се гадоса.

гадост | ж.

Подлост, лоша постапка. И до толкава ништожност, ситничавост, гадост можеше да се стркала човек!

гадулар | м.

Свирач на гадулка. Беше најпознат гадулар во целиот крај.

гадулка | ж.

Гудачки народен инструмент во вид на крушка, направен од едно парче дрво, со 3 или 4 жици.

гаждаре | ср.

Голем кош за пченка. И пченките ги собраа и ги сместија во гаждариња, плетени од лескови прачки.

газ | м.

(разг.) Заден дел од човековото тело меѓу половината и нозете, задник. Се чу како плесна шлаканица по голиот газ и детето уште повеќе вресна.

газа | ж.

Специјална мрежеста ткаенина што се користи за преврзување рани; завој. Стерилна газа. Хидрофилна газа.