известувач | м.
Тој што известува. Известувачите од конференцијата јавуваа со загриженост за текот на настаните.
изветвен | прид.
Што е стар, износен, ветов. Изветвени панталони.
изветви | св.
За ткаенина, облека и сл. ‒ Стане старо, износено, ветво; ветвее. Завесите за едно лето изветвеа од силното сонце. Од секојдневната употреба црниот фустан изветви.
изветреан | прид.
Што е изложено на ветреење. Изветреана постелнина. Изветреан парфем.
изветрее | св.
За течност, мирис, алкохол и сл. ‒ испари, исчезне целосно или изгуби карактеристични својства. Парфемот изветреал. Лошата миризба изветреала.
извештаен | прид.
Што се однесува на извештај, што е карактеристичен за извештај, за период кога се поднесува извештај. Извештаен период.
извештај | м.
Соопштение за некаков настан, ситуација, случување, за извршена работа и сл. Извештаите од фронтот се многу конфузни. Пред колективот директорот поднесе извештај за работата во изминатата година.
извештачен | прид.
Неприроден, наместен, усилен. Извештачена насмевка.
извешти се | св.
Стане вешт во нешто, во некоја работа. Се извешти во правење фигури од дрво. Селаните се извештија во лажењето.
извив | м.
Брановидно искривување, менување на правецот на пат или река; свиок, кривина. Извивот на реката беше многу остар.