изоглави | св.

Извади оглав од коњ, магаре или маска. Ги изоглави коњите и ги пушти да пасат.

изоглоса | ж.

Линија што одбележува простирање на одредена јазична особина.

изоглосен | прид.

Што се однесува на изоглоса. Изоглосни линии. Изоглосно огниште.

изодбере | св.

Одбере многу, во доволна мера. Изодбравме подароци за невестата.

изодврзе | св.

Одврзе сè што требало да се одврзе.

изоди | св.

Помине со одење (некој) пат, терен и сл. Селаните едвај го изодија патот од селото до градот. Изодевме десетина километри од патот и седнавме да се починеме.

изолатор | м.

Материјал што не спроведува електрична струја.

изолација | ж.

а) Одвојување од околината, спречување на секаков контакт со определена средина; осамување. Последните години од својот живот тој ги помина во целосна изолација од надворешниот свет. б) Спречување, забрана на секаков контакт со општествената средина поради лишување од слобода. Тој беше осуден на изолација на островите. в) Одвојување на болните од здравите без можност за контакт (во случај од заразни болести и сл., епидемија). Доби решение за изолација.

изолационизам | м.

Политичка струја која има за цел затворање во национални рамки, воздржување од меѓународна активност.