изолациски | прид.

Што се однесува на изолација, што служи за изолација. Изолациски слој.

изолира | св. и несв.

а) Оддели, одделува некого од дадена средина, спречувајќи ги неговите контакти, врски, односи со неа. Новодојдените ги изолираа од другото население. б) За луѓе и животни (најчесто во врска со некоја болест). Сите заразени од жолтица лекарите ги изолираа од другите болни во една посебна барака.

изолиран | прид.

Одвоен од другите, од средината. Тој живее во едно изолирано место надвор од градот. Изолираните животни ги прегледуваа секој ден.

изопачен | прид.

Што е поинаков од вообичаеното, од нормалното; искривен, неточно претставен. Изопачени желби. Изопачена средина.

изопачи | св.

Прави да стане поинакво од вообичаеното, расипе, искриви, измени во лоша смисла. Времето го изопачи старецот, тој стануваше чуден и поинаков.

изопие | св.

Опие повеќемина, сите. Домаќинот ги изопи гостите.

изора | св.

Заврши со орање, со сè што било за орање. Орачите ги изораа нивите, дојде време за сеидба.

изостава | несв.

Испушта, остава, не зема предвид. Ги изоставаше тешките задачи, ги решаваше само тие што ги знаеше.

изостави | св.

Остави, испушти. Тој го изостави тој дел од текстот. Прашањето за куќата го изоставив, не напишав ништо за тоа во писмото.

изостане | св.

Не дојде каде што треба да дојде, не присуствува на нешто, негде. Изостана од часови поради болест.