илегалство | ср.

Состојба и дејност на тој што е илегалец, што дејствува во илегала.

илест | прид.

Што има својства на глина.

илеџија | м.

Тој што тера илје, што прави илје. На карти, не се знае кој е поголем илеџија од нив двајцата.

или | сврз.

За поврзување зборови или зборовни состави при што едната можност ја исклучува другата. Смрт или слобода. Ние или тие. Тој пие вино или ракија. Дај ми вода или сок. Нашата држава ја чека правна криза или транзиција.

илика | м.

Порабено дупче на облеката во коешто влегува петлицата; служи за запетлување. Во иликата на палтото имаше некаков знак во две бои: црно и жолто.

Илинден | м.

Христијански и народен празник посветен на св. Илија, што паѓа на 2 август.

илинденец | м.

Лице што учествувало во Илинденското востание.

илинка | ж.

Еден вид кајсија што узрева околу Илинден.