аугментатив | м.

Збор со наставка која го означува како големо, зголемено тоа што го именува зборот во своето основно значење; на пр.: куќа ‒ куќиште, човек ‒ човечиште.

аугментативен | прид.

Што има својство на зголемување.

аудиенција | ж.

Официјален прием кај лице на висока општествена положба. Претставниците на политичките партии беа примени на аудиенција кај Претседателот.

аудитивен | прид.

Што се однесува на слухот; слушен. Аудитивен апарат.

аудиториум | м.

Сала во којашто се држат предавања, слушална. Аудиториумот беше полн со публика.

аудиција | ж.

Пробен настап на актери и пејачи пред комисија; проверување на гласовни, музички или актерски способности. Аудиција за пејачи. Аудиција за актери.

аукција | ж.

Јавна продажба со наддавање. Аукција на уметнички слики.

аула | ж.

Широка, отворена просторија, свечена сала, обично на факултетите, во училиштата и сл. Комеморацијата се одржа во аулата на факултетот.

ауспух | м.

Цевка за испуштање на искористените гасови кај автомобилите.

аут | прил.

Излегување на топката надвор од обележаниот простор на игралиштето.