акран | м.

Лице што е еднакво, рамно во нешто: врсник, партнер, прилика.

акредитив | м.

Писмено овластување на дипломатски претставник кај влада на друга земја. Амбасадорот му ги предаде акредитивите на претседателот веднаш по пристигнувањето во земјата.

акредитира | св. и несв.

(дипл.) Назначи, назначува некого за дипломатски претставник во туѓа земја.

акреп | м.

(зоол.) Скорпија; Euscorpus carpathicus. До прозорецот голем сад со акрепи во зејтин.

акрибија | ж.

Целосна совесност, внимателност, точност, особено во научната работа. Автор е на неколку книги што ги следат со хронолошка акрибија сите пројави.

акробат | м.

Артист во циркус, изведувач на гимнастички опасни подвизи со превртување и скокање во воздух. Лебдеше како недоволно обучен акробат по високо распната жица.

акробатика | ж.

Вештина на изведување тешки, опасни вежби кои бараат голема подвижност.

акробација | ж.

Смела, тешко изводлива вежба што бара голема вештина: во гимнастика, во авијација, во циркус. Изведува разни гимнастички акробации.

акропол | м.

Тврдина на височина во старите грчки градови. Секогаш кога патував ќе здогледав некој грчки акропол и неговиот град.

акростих | м.

Песна во која почетните, а понекогаш и крајните букви од стиховите даваат некое име или некој збор.