бинлак | м.

Голем стаклен сад за течност, во форма на шише, оплетен со прачки или заштитен на друг начин. Бинлак од десетина оки. Бинлаци со вино. Два бинлака ракија.

бинокл | м.

Оптичко средство за набљудување во далечина што се фиксира на носот со мал лост или со една рачка, што се држи в рака. Командантите со бинокли ги гледаа јавачите. Држи бинокл в рака. Театарски бинокл.

бинт | м.

Завој за преврска на рани. Извади бинт од торба. Го пресече бинтот. Ногата ја носеше завиткана во бинтови.

био- | претс.

Како прв дел од сложенки, обично термини од различни науки што ги означуваат односите со живата природа, на пр. биографија, биологија, биохемија.

биограф | м.

Пишувач на биографија, животопиец. Голем биограф.

биографија | ж.

биографии Опис на животот на некоја личност, животопис. Биографија на писател. Биографија од младоста.

биоенергија | ж.

Енергија извлечена од живи ткива.

биолог | м.

Специјалист по биологија.

биологија | ж.

Наука за живата природа, за законитостите во развојот на живиот свет. Студира биологија.

биопсија | ж.

Земање делче од орган или од ткиво на жив организам за микроскопски преглед заради утврдување на промените на клетките.