божуриште | ср.
Место обраснато со божур.
божуров | прид.
Што се однесува на божур. Божуров цвет.
боз | м.
Грмушка или помало дрво со бели цветови со силен пријатен мирис и црни ситни плодови со црвеномодар сок; бозел; Sambucus nigra. Седеше во меѓата заграден со боз, мирудија, коприви и капини.
боза | ж.
Ориентален, безалкохолен, матен пијалак од квасец и пченкарно брашно. Се освеживме со ладна боза.
бозаџија | м.
Произведувач и продавач на боза.
бозаџилак | м.
Занает што го опфаќа производството на боза.
бозаџилница | ж.
Работилница и слаткарница во која се прави, односно се продава боза. Тие наминуваа често во бозаџилницата на крајот од улицата.
боздоган | м.
Средновековно ладно оружје, железна топка со боцки и со куса рачка погодна за фрлање и удирање на противникот. На самарот од шарениот коњ стоеше голем и тежок боздоган.
бозел | м.
Sambucus nigra. Крај изворот растеа грмушки од бозел и пелин. Сок од бозел.
бои | несв.
Бојосува, прави да биде во друга боја. Децата боеја на часот по ликовно во боенките.