брзиномер | м.

Направа за мерење брзина. Брзиномерот во колата не ми работи.

брзне | св.

Протече кратко и брзо, прсне. Од устата му брзна крв.

брзозборка | ж.

Детска песна што се кажува брзо. Меѓу највеселите детски стихови спаѓаат брзозборките.

брзометен | прид.

Што стрела, пука брзо. Брзометен топ.

брзоног | прид.

Што е со брзи нозе, што трча брзо. Брзоног елен. Трчал брзоног зајак низ цветни ливади.

брзопис | м.

Вид писмо, обично во старите ракописи. Текстот е напишан со брзопис.

брзописец | м.

Човек што пишува брзо. Тој побара двајца попови, вешти брзописци.

брзопотезен | прид.

Во шахот ‒ партија во која се влечат брзи потези. Одиграа една брзопотезна партија шах.

Бриг | м.

(обично во мн.) Припадник на древен народ на Балканскиот Полуостров.

бригада | ж.

(воен.) Здружена единица од батаљонски, полковски или појак состав, помала од дивизија.