бројчен | прид.

Нешто што се изразува, што се претставува со бројки. Бројчена табела. Бројчена оценка.

броќ | м.

Растение со кое се бојадисува во жолто-црвена боја; Rubia tinctorum L. Пред да бојадисуваме, беревме броќ.

брокат | м.

Вид свилена ткаенина со специфично ткаење, проткаена со златни или сребрени нишки. Купивме бел брокат за невестински фустан.

брокатен | прид.

Што е направен од брокат. Брокатен фустан.

брокер | м.

Тој што ги следи движењата на берзата, што тргува со вредносни хартии и посредува во берзанските работи.

бром | м.

Хемиски елемент, неговите соединенија се применуваат во фотографијата и во медицината; симбол Br.

бромен | прид.

Што се однесува на бром, што содржи бром.

бронза | ж.

Легура на бакар, цинк и железо. Бронзата од свешникот на малото масиче светкаше како злато.

бронзен | прид.

Што е од бронза. Бронзен штит. Бронзен сад.

бронка | ж.

Мал воспален израсток на кожата; мозолче. Косата му се наежи, а околу тукушто никнатите влакна од брадата, му се појавија бронки.