безбожник | м.
Тој што не верува во бога, безверник; атеист. Со клетви се нафрлиле врз безбожникот. Безбожници и многубошци.
безбожништво | ср.
Состојба на безбожник.
безболен | прид.
Што е без болка, што не предизвикува болка, што не боли. Безболно породување. По целата кожа му избиваа црвени безболни плускавци.
безбрачен | прид.
Што не живее во брак, што не е во брачни односи; неженет. Само безбрачен свештеник може да биде ракоположен за архиереј. Многу безбрачни луѓе се чувствуваат несреќно. За себе го избрал безбрачниот живот и се оддал на богомолство.
безбрежен | прид.
Што не е ограничен од брегови, бескраен, неограничен, непрегледен. Безбрежен свет. Безбрежна морска ширина. Безбрежни простори.
безброден | прид.
Што е без брод, без газалиште; што нема можност да се прегази, да се премине, непреоден (обично за река, вода). Безбродна река.
безброен | прид.
Што е во многу голем број, што не може да се изброи, многуброен. Безброен народ се собра да те испрати. Дали сум сторил нешто што би ги намалило безбројните страдања на мојот народ?
безброј | м.
Тоа што не може да се изброи, неброено множество. Во безбројот ѕвезди се истакнуваше младата месечина.
безброј | прил.
Многу, неброено. Остави безброј злато и со оки сребро. Се одржаа безброј здравици. Го навасаа безброј нови впечатоци. Човекот создаде безброј чуда. Се туфкав безброј пати.
безверен | прид.
Што не верува во бога, безбожен, нерелигиозен. Безверните жени разговараа гласно и пречеа во црковниот обред.