бездејствува | несв.

Не е активен, не врши никаква дејност, ништо не работи. Мажите бездејствуваа. Тие денови ние не бездејствувавме, водевме дискусии до длабоко во ноќта, тоа беше еден начин на активност, нешто што не можевме да го сметаме за бездејствување.

бездимен | прид.

Што е без дим; што гори без дим. Бездимни оџаци. Бездимен барут.

бездна | ж.

Длабочина без дно, во која не може да се види дното, бескрајна длабочина; амбис. Голема бездна. Се најде на раб од бездна. За малку ќе се струполеше во бездна.

бездожден | прид.

Што е без дожд. Бездожден ден. Бездождна есен. Бездождни години.

бездомен | прид.

Што е без дом и семејство, што нема сопствена куќа, живеалиште. Сам, бездомен човек. Бездомна питачка. Толпа гладни, бездомни деца. Бездомно куче. Се умилкува како бездомна мачка.

бездомник | м.

Тој што е без дом, без куќа, без живеалиште. Во ноќта, околу огнот се греат сите бездомници од војната.

бездомништво | ср.

Состојба на бездомен човек.

бездрвен | прид.

Што не е од дрво, што не содржи во себе дрво. Бездрвна хартија.

бездржавен | прид.

Што е без државна власт. Бескласно и бездржавно општество.

бездруго | мод.

Сигурно, без сомнение, несомнено; секако, неминовно. Бездруго, тоа е убаво смислена работа. Бездруго, тоа е јасно. Бездруго ќе се обогатите.