билетарница | ж.
Место каде што се продаваат билети. На меѓуградската автобуска станица работи само една билетарница. Билетарница во театар.
билингвален | прид.
Што е даден на два јазика, двојазичен. Билингвален речник. Билингвално изразување.
билингвизам | м.
Употреба на два јазика од страна на еден говорител или во една заедница, двојазичност. Билингвизам на македонското и турското население. Лексичките интерференции се природна појава при масовен билингвизам.
билион | м.
Број што изразува вредност од милион милиони. Билион денари.
билка | ж.
Тревка, растение со лековита или со магиска моќ. Старецот прави мелем од билки. Од коприва, штавеј и од други билки може да се свари чорба за појака крв. Не сум билка лековита, туку сум билка разделита. Билките се чуваат далеку од урочливи очи.
билкар | м.
Собирач и трговец на билки. Билкари се движеа по планините.
билкарство | ср.
Професионална дејност на билкар. Се занимава со билкарство. Фабриката го разви билкарството во нашата земја.
билмез | м.
Глупак, незнајко. Голем билмез. Го чувте ли овој билмез?
било | ср.
Планински гребен. Се качува по билото над селото. Летото го поминав по скрките и билата.
било-било | сврз.
За поврзување зборови или реченици приредени меѓу себе; повторен разделен сврзник, како алтернатива; Било таа не пуштала, било тој се лутел.