инспирира | св. и несв.

Поттикне, поттикнува, служи како инспирација.

инспициент | м.

Лице што ги води и ги контролира сите работи зад сцената за успешна изведба на претставата.

инсталатер | м.

Лице што поставува, одржува, врши поправки и контрола на определен вид инсталации.

инсталација | ж.

Систем од поставени или вградени технички средства и апарати со определена намена. Електрична инсталација. Водоводна инсталација. Телефонска инсталација.

инсталира | св. и несв.

Постави, поставува инсталација. Моја специјалност е инсталирање медицински електрични апарати.

инстант | прид.

Што се приготвува на најбрз начин. Инстант кафе. Инстант супа.

инстанца | ж.

Секој одделен степен во државната управа, во судската или во административната хиерархија со посебна организираност, надлежност и овластување

инстинкт | м.

Природна побуда својствена за единката како припадник на определен животински вид да се води од барањата на организмот за обезбедување на физиолошкото одржување, за одбраната на интегритетот и за продолжување на видот; нагон. Инстинкт за опстанок. Инстинкт на загрозеност. Родителски инстинкт.

инстинктивен | прид.

Што е нагонски, несвесен, предизвикан од инстинктот. Правеше инстинктивни, ненадејни движења.

институт | м.

Установа што се занимава со научно-истражувачка дејност. Институт за старословенски јазик. Институт за анатомија. Медицински институт.