интензитет | м.
Напнатост, напрегнатост, внатрешна сила; степен на изразеност на некоја појава (на светлина, звук итн.); интензивност. Љубовта и омразата ги има почувствувано секоја единка со помал или со поголем интензитет.
интензификација | ж.
Зголемување на силата, напнатоста, на интензитетот на нешто.
интенционален | прид.
Што е насочен, што се стреми кон извршување на нешто.
интенција | ж.
Намера, стремеж, насоченост кон постигање на некоја цел. Нашата интенција е да ве запознаеме со проблемите во здравството и да се обидеме да ги надминеме.
интеракција | ж.
Заемно дејство на две или повеќе единки, системи или појави.
интервал | м.
Време меѓу две единици, меѓу две случувања во даден редослед; меѓувреме, пауза.
интервенира | св. и несв.
Изврши, врши, интервенција; се замеша, се меша во нешто, посредува. Работата може да се среди веднаш, доволно е само некој да интервенира кај надлежните. Во овој текст редакторот не треба никако да интервенира.
интервент | м.
Тој што врши интервенција, што се меша во нешто, што посредува.
интервентен | прид.
Што има својства на интервенција, што се прави со некоја цел. Интервентен увоз.
интервенционист | м.
Тој што врши интервенција (со меѓународна легитимност или без неа), што употребува воена сила за менување на воените или на политичките односи во друга земја.