интервенција | ж.

Определено дејство чија цел е да го промени текот или состојбата на нешто; мешање, посредување, помагање. Лекарска интервенција. Интервенција на власта.

интервју | ср.

Разговор, наменет за јавноста, што го води новинар со некоја позната личност. Направи интервју. Даде интервју.

интервјуира | св. и несв.

Направи, прави интервју, разговор со видна личност од јавниот живот.

интердисциплинарен | прид.

Што опфаќа и што се однесува на повеќе научни дисциплини. Интердисциплинарни студии.

интерен | прид.

Што е внатрешен, што е наменет, што се однесува на внатрешноста на некоја средина. Интерни болести.

интерес | м.

Особено внимание, наклонетост, насоченост кон некого или кон нешто. Неговиот интерес кон фолклорот потекнува уште од детството.

интересен | прид.

Што побудува интерес; занимлив, привлечен, забавен. Интересна книга. Интересна девојка.

интересент | м.

Лице што е заинтересирано за некого или за нешто. Има голем број интересенти за народната изворна музика.

интересира | несв.

Привлекува, предизвикува нечиј интерес. Политиката не ме интересира. Веќе подолго време го интересира таа жена.

интересност | ж.

Занимливост. Играта веќе ја загуби својата интересност и им стана здодевно на сите.