интуиција | ж.
Способност за непосредно насетување, проникнување во смислата на нештата, на појавите без расудување и логични заклучоци; претчувство. Нејзината женска интуиција ѝ велеше дека нешто не е во ред. Се водеше според својата интуиција во животот.
Инук | м.
Припадник на етничка група од арктичкиот дел на Канада, САД и Гренланд.
инфантилен | прид.
Што е психички недоразвиен, со особености на дете; детинест. Инфантилен човек.
инфантилизам | м.
Недоволна телесна и душевна развиеност, заостанување во развитокот на ниво на детска возраст.
инфаркт | м.
Изумирање на дел од ткивото на некој орган (мозок, срце, бубрези и др.) предизвикано од затнување на крвните садови и нарушување на крвотокот. Акутен инфаркт на срцето.
инфарктен | прид.
Што се однесува на инфаркт. Инфарктна состојба.
инфективен | прид.
Што предизвикува или е предизвикан од различни инфекции; заразен. Инфективни болести.
инфекција | ж.
Навлегување и напад на организмот од разни микроорганизми коишто предизвикуваат заболување; заразување, зараза. Инфекција на грло.
инфериорен | прид.
Што е помалку вреден, послаб во некој однос; потчинет. Таа се наоѓаше во инфериорна положба во однос на својот маж.
инфилтрација | ж.
Навлегување, вовлекување, продирање во нешто. Инфилтрација на нови зборови во јазикот.