исмее | св.

Направи шега, подбив со некого; иронично, зајадливо зборува за нешто. Тој ја исмеа и понижи пред сите. Ја исмеа мојата наклоност кон неа.

испад | м.

Непријатно, непријателско истапување против некого; непристојна, лоша постапка. Постојано правиш некакви испади. Се срамеше поради испадите на својот син.

испади | св.

Избрка, истера, изгони некого. Ја испади жената од дома навредувајќи ја со погрдни зборови.

испадне | св.

Падне од внатрешноста на нешто. Детето испадна од возот.

испазари | св.

Напазари, накупи многу, полно.

испаничи се | св.

Се најде во паника, го фати паника. Мајката се испаничи и отрча да го бара синот.

испапа | св.

Изеде (при обраќање кон дете). Ти, детуле, ќе треба уште десетина фурни леб да испапаш за да ме стасаш мене!