ковчест | прид.

Што има јаки, испакнати коски. Ковчест човек. Ковчести раце. Ковчесто лице.

кога | прил.

а) Како прашален збор за време: во кое време, во кој период. Кога го виде? Кога ќе одиме на гости кај нив? б) Во невистински прашања пред временски реченици: во кое време, во кој момент. Не знам кога ќе патувам. Не знам кога и каде тоа ќе се случи. в) Во извични реченици, за чудење во искази дека нешто е необично, неочекувано: како. Кога дојде, кога си отиде! Кога толку брзо ја заврши работата!

кога | сврз.

Во зависносложени временски (темпорални) реченици, во составот на зависната дел-реченица. Кога дојде таа, тој веќе беше заминат. Тој може да дојде кога ќе се стемни. Тивка тага го обзема, кога мисли на минатото. Кога ќе заврши трката, сите ќе прославуваме.

когаш | прил.

Во изразот когаш-тогаш со значење сега или после, кога и да е, еднаш. Когаш-тогаш ќе дојде. Когаш-тогаш ќе му дојде умот.

когашен | прид.

Во прашални реченици: од кога, од кое време, колку е стар. Когашен е весников? Когашен е лебов?

кого | зам.

Форма за директен предмет; Кого барате? Се знае кај кого може да намине на вечера и каде спие кога врне дожд. Не знае со кого си има работа.

код | м.

Шифра, клуч, пропис, правила; систем на принципи или правила. Во јавноста, кодовите на прифатливо однесување се разликуваат во различни култури.

кодеин | м.

Алкалоид на опиум што се употребува во медицината, најчесто како средство за смирување на кашлица.

кодекс | м.

Збирка од повеќе закони што се однесуваат на определена област од општествениот живот. Судски кодекс.